Денеска високата цена на електричната енергија е причина за несреќата на многу семејства, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за порталот А1 ОН и додаде дека енергетската криза прераснала во општа економска криза бидејќи граѓаните кога пазаруваат можат да забележат како се намалува кошницата, бидејќи за разлика од сега порано како што рече тој со 1000 денари можело да се купат многу повеќе прехранбени производи.
-Јас не знам Ковачевски како ги разбира граѓаните, но ценејќи според неговите политички потези и однесување мислам дека воопшто не ги разбира. Но, доволно е да се појде во продавница, не за да се купи тост, туку да се појде до продавница и да се испазаруваат основни прехранбени производи. Порано со 1.000 денари можеше да се купи многу повеќе, можеби два пати повеќе производи отколку сега, додаде Мицкоски.
Во однос на рестрикциите на електричната енергија, Мицкоски истакна дека тој не очекува да има рестрикции и покрај плановите кои што ги правеа од власта, советувајќи ги да не се случи тоа бидејќи најавената рестрикција само ќе ја помести потрошувачката на електричната енергија.
-Не очекувам рестрикции иако едно време се зборуваше и се правеа планови за рестрикции и слично, не очекувам и би ги советувал да не се прават рестрикции, бидејќи најавената рестрикција во одредено место за тие два саата или три само ќе ја помести потрошувачката на електричната енергија, смета Мицкоски.