Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија рече дека мерките на власта за КОВИД ги подели граѓаните, и ја заменуваат својата неспособност со делби.
„Како Комисија излеговме денеска како ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека дел од медиумите го пренесоа ставот на претседателот на Комисијата, доцент доктор Игор Николов и тоа е практично ставот позади кој што јас би се задржал. Е, сега исто така можат да се видат стимулативни мерки во соседството со кои што граѓаните во соседството се стимулираат да бројот на тие кои што се имунизирани преку вакцинацијата да се зголеми. А, тоа го има во соседна Грција, Бугарија. Така што еве не треба од власта подалеку да одат, туку нека погледнат во регионот како тоа околните Влади го решаваат“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека има случаи и како него што го прележале вирусот, дури и имаше изјава од епидемиологот Пановски кој што вели дека лицата кои што имаат прележано 6 до 7 пати, се порезистентни на новите соеви или на КОВИД-19 од оние кои што се вакцинираат.
„Можеше и еден ПЦР тест да заврши работа, за да не бидат празни моловите, рестораните и останатото. А, со тоа би се заштитиле и работните места и бизнисот, нема да трпи економијата. Наместо вакви би рекол мерки кои што се со една цел да ги поделат граѓаните и практично се мерки кои што имаат свој еквивалент како што реков во средината на 20-тиот век во едно друго време кога светот имаше една друга би рекол фашистичко нацистичка опасност“, децидно рече Мицкоски.