Јас очекував вакво прашање бидејќи имаше и прес конференција каде што беше поставено тоа прашање на премиерот Ковачевски, и го слушнав одговорот каде што се препелкаше. Јас носам и некои документи за да може јавноста да биде сведок. За да не збориме на памет. Се надевам еве дека после овие документи ќе имаме повеќе можности да зборуваме, дали станува збор за уставни измени или за епски криминал од неколку милијарди евра. Ова е записник од Владата, од седница на Владата, таа е 24-та седница на Владата, 24 ноември 2020-та година, а вицепремиер е Артан Груби, а заменик министер за финансии е Димитар Ковачевски, а премиер е Зоран Заев, појасни претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р Христијан Мицкоски од Гази Баба при одговарање на новинарско прашање поврзано со нерегуларностите околу изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10.
Мицкоски ја цитираше точката 74 која вели – „Владата ја разгледа информацијата за изградба на пруга Бељаковце – Крива Паланка“. „Владата заклучи сите државни институции, општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од еден милион евра во денарска противредност да не ја ангажираат шпанската фирма „Ептиса“ од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце“.
„На 16.11.2021 година министерството за транспорт и врски ја надсинхронизира Владата и дава позитивна референца на истата компанија „Ептиса“. Одиме понатаму, се објавува тендер за надзор за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10А, автопатиштата. Краен рок за поднесување понуди е 17-ти октомври 2022 година во 11 часот. Седум дена пред истекот на крајниот рок се менува тендерската документација и тоа се менува во делот за странски понудувач доколку не се издава извештај за биланс на состојба и податоци од биланс за успех 2019-та, 2020-та и 2021 година заверен од надлежен орган, тогаш се доставува копија од ревизорски извештај кои треба да бидат позитивни. Еве се брише ова за да бидат позитивни, а зошто? Затоа што компанијата има негативни во последните три години“, рече Мицкоски.
„Одиме понатаму, се продолжува рокот на 25.10 и замислете најповолен понудувач е конзорциумот „ИРД инженеринг“ здружено со „Ептиса“. Еве ќе му ги доставам, на кого треба да му ги доставам? На партискиот обвинител Ислам Абази, треба да ги доставам на Антикорупциска, на кого да ги доставам? Овие треба да одлучуваат за вашите 2 милијарди евра, вие треба да се задолжите, кредит да земете, вашите деца, вашите внуци, тие пари да ги плаќаат. Ова е Европа? Ако е ова анти ЕУ, тогаш јас мислам дека ЕУ се срами што овие и го злоупотребуваат името. Еве нека видат, самите што правеле и како правеле“, заклучи Мицкоски.