Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за исвиркувањето на водителката во моментите кога почна да зборува на македонски јазик на прославата во саботата вечерта на плоштадот „Секндербег“ во Скопје по повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор за Дојче веле (ДВ) рече дека тоа е голем скандал и праша дали министерката за култура мислела на вакво развеселување кога го правдаше трошењето народни пари за партиски прослави.
-Се работи за настан платен со владини, односно државни пари. На тој настан се исвиркува македонскиот јазик, истиот тој кој Владата евтино го распродава и во преговорите со Бугарија. За вакво ли развеселување мислеше министерката за култура, кога го правдаше трошењето народни пари за вакви партиски прослави. Срамот е голем што од Владата отсуствува секаква реакција. Со национализам политика не се тера. Ова само ја покажува поделеноста на општеството и постоењето на два паралелни света. Таквите бариери се градени од политичките елити на власта за полесно да може да ги остваруваат личните интереси поврзани со бизнис-мотиви, додека граѓаните Македонци и Албанци тонат во вештачката омраза која е подгревана од политичарите на кои тоа им одговара, вели Мицкоски.
Според него, нема простор за славење кога народот страда и живее во сиромаштија.
-Тоа покажува колку е вештачка самата прослава која е со партиски предзнак и исклучиво во функција на изборите во Тетово. Имаме Рамковен договор, но Арачиново нема канализација. Имаме партиска прослава на рамковниот, но Тетово нема вода за пиење, посочува Мицкоски.
Тој додава дека Владата и премиерот молчат на сето ова, а Македонците, исто како и Албанците, масовно се иселуваат и нагласува дека тоа се работите што треба да се менуваат.