-На климатската криза, мигрантското прашање, но и на односите со Турција, се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на Генералното Собрание на ОН во Њујорк, истакнувајќи дека за големите глобални предизвици, „неуспехот не е опција“ и дека се потребни „вистински лидерски вештини“ јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис предложи формирање „глобален сојуз за адаптација“ за справување со климатската криза, односно како што рече, „форум каде што можеме да генерираме ново колективно размислување, обновена соработка, да понудиме пристап до нови средства за унапредување на адаптацијата на краток рок, пред да биде предоцна“.
-На пример, со повеќе инвестиции во заедничката употреба на нови технологии за напредно прогнозирање и модели за метеоролошки појави за да можеме појасно, попрецизно да предвидиме како ќе се одвиваат овие појави, од каде доаѓаат поплавите и каде се шират пожарите. Ќе се обидеме да формираме сојуз за адаптација на претстојниот самит за климата, COP28, во Обединетите Арапски Емирати, бидејќи само преку соработка можеме да направиме вистинска разлика, учејќи еден од друг, но и разменувајќи ги најдобрите практики и решенија, рече Мицотакис.
Голем дел од говорот го посвети на климатската криза, на проблемите со кои се соочи Грција во текот на летото, на големите пожари и поплавите што следеа, велејќи дека минатата година, токму од Генералното собрание предупредил дека без мултилатерална соработка, „катастрофалните последици од климатските промени наскоро ќе станат правило, а не исклучок“.
-Дванаесет месеци подоцна, оваа нова реалност, за жал е тука. Поплави, пожари, топлотни бранови и лизгање на земјиштето, летово ги погодија европскиот Југ, северна Африка и Медитеранот, предизвикувајќи невидени катастрофи во регионот, од Словенија до Либија, од Италија до Грција, истакна грчкиот премиер.
Се осврна и на мигрантското прашање, за кое рече дека е втор голем предизвик, а Грција е во првите редови на глобалната мигрантска криза, објаснувајќи дека земјата следи „строга, но праведна политика“ и истакна дека е потребно да се разбие „бизнис моделот на криумчарите и нивните мрежи“.
За односите со Турција, особено по средбата со турскиот претседател Ердоган, Миџоракис рече дека „несомнено остануваат долгогодишните геополитички тензии меѓу Грција и Турција“, но сепак двата најголеми заеднички предизвици, климатските промени и миграцијата, се сегашноста и иднината.
Објасни дека единствената разлика е одредувањето на морските зони во Егејското море и Источниот Медитеран која може да се реши согласно меѓународното право.
-Постигнавме добар напредок во последните месеци во однос на нормализирањето на нашите односи и е во наш заеднички интерес да продолжиме по овој пат, рече Мицотакис.
За кипарското прашање повтори дека изнаоѓањето праведно, одржливо и взаемно прифатливо решение останува главен приоритет за Грција, која поддржува решение за една држава засновано на бизонална, бикомунална федерација.
Од Генералното Собрание на ОН, грчкиот премиер уште еднаш истакна дека ќе продолжи поддршката за Украина.