Според извештаите на медиумите, најдраматична е состојбата во Полска, каде што властите во земјата ги мобилизирале своите сили за територијална одбрана за да ѝ помогнат на граничната контрола да спречи влегување на голема група мигранти во земјата од белоруска страна. Според „Ројтерс“, Владата во Варшава стравува од насилни судири меѓу безбедносните служби и мигрантите во наредните денови, а помош за состојбите во техника и персонал веќе најавија дека ќе испрати и Германија, Унгарија, Летонија, но и други европски земји.

Во меѓувреме, ЕУ и НАТО ја обвинија Белорусија дека го оркестрира проблемот, тврдејќи дека тамошниот претседател Александар Лукашенко со ваков начин сака да возврати за санкциите што Западот ги наметна врз неговата земја.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, ги повика земјите-членки на ЕУ да ги прошират санкциите против белоруските власти, кои, како што наведе, се одговорни за приливот на мигранти на границата со Полска.

– Инструментализацијата на мигрантите за политички цели е неприфатлива – се вели во соопштението на Фон дер Лејен.