По гласањето на вонредните парламентарни избори тој пред новинарите изјави дека најважно е изборниот ден да помине мирно и согласно демократските стандарди.
Милатовиќ изјави дека е исто така многу важно граѓаните денеска да излезат на гласање, да го остварат своето право на глас и дека врз основа на тоа, Собранието на многу поадекватен начин ја отсликува политичката сила што во моментов постои во Црна Гора.
Тој порача дека новата влада треба да го продолжи реформскиот пат и да го забрза во некои области.
Милатовиќ додаде дека првенствено се однесува на подобрување на животниот стандард на граѓаните, владеење на правото и забрзување на европскиот пат.
На новинарско прашање колку ќе му биде тешко да назначи нов претставник и дали веќе има име во планот, тој одговори дека нема и дека предлогот ќе зависи од резултатите, односно од волјата на граѓаните на Црна Гора.
На прашањето дали мисли дека црногорската политика со овие избори ќе влезе во помирно пристаниште, Милатовиќ рече дека со нив завршува изборниот циклус кој лани почна со локалниот, а продолжи со претседателскиот.
„Јас сум оптимист дека како општество треба да влеземе во помирно пристаниште, каде пратениците ќе најдат консензус во собранието за работи кои се навистина од големо општествено и национално значење“, рече Милатовиќ.