ЗАГРЕБ – Источниот дел на Хрватска е на удар на комарци, а најлоша е состојбата во осиекско-барањските и вуковарско-сремските окрузи, додека во август се очекува да се појави комарецот „тигар“ кој предизвикува западнонилска болест кај луѓето и животните.

Градоначалникот на Вуковар Иван Пенава денеска најави дека е неопходно да се прогласи елементарна непогода на ниво на жупанија, бидејќи луѓето не можат нормално да се движат, загрозени се здравјето, економијата и сите други елементи од нормалниот живот.

Тој додаде дека климатските услови често не дозволуваат третирање и спроведување на процедури за борба против комарци во градското подрачје, наведувајќи дека на луѓето не им значи многу „кога за 15 минути ќе се забележат сто каснувања“.

Проблемот настанал поради дождот кој во последните недели го подигна водостојот на реките, што придонесе за размножување на комарци, пишува Index.hr, пренесува Танјуг.

Хрватскиот институт за јавно здравје соопшти дека, според Законот за заштита на населението од заразни болести, жупаниите, општините и градовите се обврзани да обезбедат спроведување на мерките за дезинсекција.

Директорот на Ветеринарната станица во Вуковар, Томислав Шота, најави дека во август се очекува појава на тигрестиот комарец кој предизвикува западнонилска болест кај луѓето и животните, што може да доведе до многу сериозни последици, пишува хрватскиот портал.