Западен Балкан ќе биде стабилен само кога ќе биде дел од Европската унија (ЕУ), изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, кој е во посета на Италија на покана на неговиот италијански колега Серџо Матарела.

Во интервју за „Кориере дела сера“, Милатовиќ вели дека поканата на неговиот италијански колега да ја посети Италија е добра можност Црна Гора да добие уште посилна поддршка од таа земја за влез во ЕУ.

Милатовиќ денеска ќе се сретне со италијанскиот премиер Џорџа Мелони, министерот за надворешни работи Антонио Тајани и претседателот на Комората Лоренцо Фонтана.

„Ќе им кажам дека Западен Балкан ќе биде стабилен само кога ќе бидат дел од ЕУ, а сега тие се огромна дупка во средината на Европа. Пристапувањето на Црна Гора за нив би значело дека проширувањето се уште е можно“, рече Милатовиќ.

На прашањето какви последици имаа врз Црна Гора конфликтите на Косово и Метохија со учество на војниците на НАТО, Милатовиќ рече дека Црна Гора секогаш го поддржувала дијалогот меѓу Белград и Приштина под капата на ЕУ.

„Одржувањето избори на северот на Косово може да биде чекор во вистинската насока. Црна Гора е и туристичка дестинација, треба да живееме во стабилен регион“, изјави Милатовиќ.
Како што рече, прашањето за борбата против организираниот криминал и мафијата е многу поголемо од самата Црна Гора, бидејќи тоа се меѓународни работи.

„Добиваме многу силна поддршка од земјите партнери, вклучително и Италија. Италијанското искуство во борбата против мафијата е од големо значење за Црна Гора“, рече Милатовиќ.

Тој посочи дека одлучувачкиот чекор во Црна Гора се случи на парламентарните избори во 2020 година, бидејќи, како што додаде, има голем број извештаи кои го поврзуваат поранешниот политички режим со мафијата.

„Денес излезе дека некои од луѓето кои требаше да се борат против организираниот криминал во име на народот на Црна Гора биле клучен дел од организираниот криминал. Меѓу нив е и поранешниот шеф на Врховниот суд. А врските веројатно го достигнуваат врвот на поранешниот режим“, изјави Милатовиќ.

Запрашан за односите со Москва од почетокот на инвазијата на Украина, Милатовиќ рече дека Црна Гора од првиот ден има ист став како ЕУ.

„Ги одобривме санкциите, ги отворивме границите за бегалците, речиси десет проценти од нашето население во моментов се состои од украински бегалци. Ние сме мала земја, но десет проценти од нашиот воен буџет беше искористен за поддршка на Киев“, рече Милатовиќ.
Тој посочи дека Црна Гора како членка на НАТО ја поддржа линијата што беше утврдена на последниот самит во Вилнус