Бранкица Дуковски по професија е социјален работник, приватно е жена која бескомпромисно го крева гласот во одбрана на секоја друга жена. По функција е претседателка на Советот на Општина Ѓорче Петров, а истовремено е и новоизбрана претседателка на Унијата на жени при ОК ВМРО-ДПМНЕ Ѓорче Петров.

Таа најавува поактивно и посилно делување на организацијата во Ѓорче Петров, а акцентот во нејзиното дејствување во претстојниот период е најавата за активна кампања за подигнување на свеста и поддршка на жените.

Во рамки на кампањата „Не молчи – твојот глас е важен!“, која се реализира во периодот од 25 ноември до 10 декември, членките на организацијата ќе спроведат низа активности насочени кон препознавање на насилството врз жените, поддршка на жртвите и поттикнување на граѓаните да реагираат.

Говорејќи за нејзините приоритети и за тоа каква организација сака да изгради, таа ги истакна основните заложби на раководството.

„Мојата цел е Унијата на жени Ѓорче Петров да биде активна, препознатлива и отворена организација, која ќе ги обединува жените околу идеи, иницијативи и конкретни активности. Сакам секоја членка да има можност да го даде својот придонес, да биде слушната и да учествува во креирањето на нашите активности. Верувам дека силата на една организација е во заедништвото, меѓусебната поддршка и подготвеноста идеите да ги претвориме во дела. Нашето делување ќе биде насочено кон потребите на граѓаните и предизвиците со кои се соочуваат жените и семејствата во Ѓорче Петров“, изјави Дуковски.

Објаснувајќи го мотивот за отпочнување на кампањата токму во периодот на 16 дена активизам против родово базираното насилство, таа укажа на комплексната природа на проблемот.

„Насилството врз жените е сериозен општествен проблем за кој мора отворено да се зборува. Не смееме да го сведуваме само на физичкото насилство, бидејќи постојат и психолошко, економско, сексуално и дигитално насилство, кои често остануваат непрепознаени или премолчени. Со оваа кампања сакаме да испратиме јасна порака дека молчењето не е решение. Секоја жена има право на живот без насилство, страв и понижување. Сакаме да дадеме свој придонес во подигнувањето на свеста, охрабрувањето и создавањето средина во која жените ќе знаат дека не се сами“, порача Дуковски.

Кампањата се темели на три пораки: „Препознај – Поддржи – Реагирај“, кои според неа претставуваат конкретни чекори што секој поединец може да ги преземе.

„Прво, да го препознаеме насилството, дури и кога не остава видливи траги. Психолошкото понижување, контролата врз финансиите, заканите и дигиталното вознемирување се облици на насилство кои не смеат да се игнорираат. Второ, да дадеме поддршка. Понекогаш на една жена ѝ е потребно само некој да ја сослуша, да ѝ поверува и да не ја осудува. Моите жени се сплотени, обединети и секогаш подготвени за заедничко делување. Се поддржуваме, се охрабруваме и веруваме дека заедно можеме да направиме многу повеќе. И трето, да реагираме. Насилството не смее да се премолчува, а пријавувањето и користењето на механизмите за институционална заштита се важни чекори во спречувањето на понатамошното насилство“, додаде Дуковски.

Една од централните активности во рамки на кампањата ќе биде интерактивниот „Ѕид на поддршка“ во K-Mall, замислен како директно вклучување на јавноста.

„Сакавме да создадеме активност во која граѓаните нема да бидат само набљудувачи, туку директни учесници во кампањата. На Ѕидот на поддршка ќе има порака ‘На секоја жена ѝ порачувам…’, по што посетителите ќе можат анонимно да остават пораки на охрабрување и солидарност. Пораки како ‘Не си сама’, ‘Ти веруваме’, ‘Заслужуваш живот без страв’ и ‘Имаш право на почит и достоинство’ можеби изгледаат едноставно, но за жена која се соочува со насилство можат да значат многу. Нашата цел е преку оваа активност да покажеме дека поддршката започнува од секој од нас и дека заедницата има важна улога во создавањето посигурна средина“, објасни Дуковски.

Осврнувајќи се на ангажманот на членките во текот на активностите, таа подвлече дека тие претставуваат клучна движечка сила преку едукативни содржини, видеопораки и непосредна комуникација со граѓаните на терен.

Во поглед на соработката меѓу институциите и невладиниот сектор, претседателката на советот напомена дека превенцијата бара заеднички пристап и одговорност од секој општествен чинител, истакнувајќи дека нејзиниот професионален профил како социјален работник дополнително ја нагласува потребата од навремена помош и достоинствен третман на жртвите.

„Очекувам оваа кампања да не заврши со последниот ден од 16-дневниот активизам. Сакаме да поттикнеме поголема свесност, солидарност и подготвеност за реакција, затоа што борбата против насилството не е обврска само на институциите или на една организација. Таа е одговорност на целото општество“, заклучи Дуковски, упатувајќи отворена покана до граѓанките да присуствуваат на централниот настан закажан за 8 декември во 12:00 часот во трговскиот центар K-Mall.