Цеков: Ќе поддржам сè што е во интерес на граѓаните

Пратеникот на ЗНАМ, Миле Цеков, го напушти парламентарното мнозинство и во иднина ќе дејствува како независен пратеник. Одлуката ја соопшти денеска, нагласувајќи дека нема да биде дел од мнозинството, но ќе ги поддржи сите решенија што, според него, се во интерес на граѓаните.

„Станав дел од политиката за да се борам со системските неправди и за промена, но промените не се случуваат. Не прифаќам да живеам во држава на корупција и криминал“, изјави Цеков.

Несогласувања со раководството на ЗНАМ

Цеков подолг период не се согласуваше со раководството на ЗНАМ за повеќе прашања, меѓу кои и за уставните измени. Тој неодамна изјави дека нема ништо против да гласа за уставните промени и дека лично не се противи бугарскиот етникум да биде внесен во Уставот.

„Ние не губиме ништо од тоа. Исто така, имам забелешки кон одредена реторика и наратив кон нашите соседи, сметам дека тоа е погрешен пристап. Треба да се пристапи кон дијалог и разговор, затоа што тие ни се први соседи и први соработници“, рече Цеков.

Пратеничката група на ЗНАМ останува со пет пратеници

По напуштањето на Цеков, пратеничката група на ЗНАМ во Собранието ќе брои пет пратеници.