Техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, денеска изјави дека ќе нема заедничко чествување со Македонија на 120-годишнината од смртта на Гоце Делчев на 4 мај.
Министерот, во изјава што ја цитира Бугарското национално радио (БНР), вели дека очекува оние граѓани на Бугарија кои ќе сакаат да го посетат гробот на Гоце Делчев во Скопје да се соочат со истите проблеми како во февруари, кога се одбележуваше годишнината од неговото раѓање.
„Ќе организираме прослави во Бугарија за Гоце Делчев, затоа што во оваа фаза не мислам дека ќе има општи прослави. Нема да правиме со нив таму (во С Македонија н.з.) бидејќи минатиот пат немаше… Се надеваме дека амбасадорот на Република Северна Македонија ќе присуствува на чествувањата што ќе ги правиме овде во Бугарија, а бугарските граѓани кои сакаат да одат, не можам да ги предупредам да не одат, но мора да знаат дека може да наидат на пречки“,рече шефот на бугарската дипломатија, цитиран од БНР.
Пречките и проблемите на кои алудира Милков, а кои според неговите проценки можат да се повторат и сега, се однесуваат на засилените безбедносни мерки што беа преземени од властите во земјава за време на чествувањето на 151-годишната од раѓањето на Гоце Делчев.
Бугарското Министерство за надворешни работи тогаш излезе со реакција дека на голем број нивни граѓани им било оневозможено да присуствуваат на чествувањето и биле задржани на граничниот премин „Деве Баир“.
Во соопштението што тогаш го објави бугарското МНР на својата интернет-страница, беше оценето дека одбележувањето на годишнината од раѓањето на Делчев не придонесе за унапредување на добрососедските односи и дека ќе биде „забележано дека македонските власти не им дозволиле на бугарски граѓани да му одадат почит на великанот“.
Инаку, полицијата од македонската страна на границата на 4 февруари со часови пропушташе само итни случаи поради, како што беше соопштено, пад на системот за проверки. Тоа предизвика тензии и расправии во кои бугарски државјани, поради неможност да ја поминат границата, ги навредуваа и недолично се однесуваа кон македонската гранична полиција. Поради ова тројца бугарски државјани беа приведени и добија парични казни од 300 евра и мерка протерување од земјава и забрана за влез во државата за период од три години.
Чествувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во Скопје, пак, помина без инциденти, но под засилени безбедносни мерки. Бугарската делегација која положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ ја предводеше министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев.