Според нас доставувањето на оваа иницијатива од 100 потписи би требало да е доволна да се отворат вратите на ДИК за собриање на 150.000 потписи, но нема да бидеме изненадени од непринципиелни толкувања на Законот и на Деловникот од страна на владејачкото мнозинство во Собранието бидејќи сме го виделе тоа, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски за „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Милошоски истакна дека може иницијативата да биде изиграна како што беше случајот со дисциплинската одговорност за Талат Џафери, но ВМРО-ДПМНЕ е подготвено на секоја опција.
Во однос на тоа дали при успешен референдум и раскинување на договорот со Бугарија, тоа би значело откажување од преговорите, Милошоски истакна дека самиот договор предвидува еднострано укинување, а тоа нема да ги загрози преговорите туку ќе обезбеди да бидеме третирани посериозно.
-Договорот со Бугарија уште кога е склучен во Член 13 пишува дека секоја договорна страна може да го раскине договорот. И како такво е можно во секој момент. Така што раскинувањето на овој договор ќе значи сигнал кон Бугарија дека ваквиот однос на уцена, закана и наметнување неевропски прашања во однос на европските преговори, ние не прифаќаме. Ако ние како нација изградиме таков став и го отфрлиме овој договор, ќе имаме подобра позиција да не третираат посериозно. Не сметам дека ЕУ ќе ја исклучи Македонија од преговорите, туку сметам дека со ваков договор Македонија има ризик да талка во лавиринтите на ЕУ, бидејќи наместо да разговара за европските стандарди, Македонија ќе разговара за опсесиите на некој политичар во Бугарија, што се случило пред 150 години, потенцираше Милошоски.
Милошоски нагласи дека овој договор треба да се укине затоа што не е договор кој отвора перспективи во иднината, туку Македонија ќе ја враќа во минатото и ќе има болни отстапки и верува во успешноста на референдумот затоа што протестите видовме многу граѓани од различни делови, политички партии и националности.
Тој исто така го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека е против промена на Уставот.
-Сакам да нагласам дека ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка за уставните измени. Во европските држави кога има уставни измени треба да распишете избори, да го консултирате народот. Не може никакви уставни измени не сте најавиле, и одеднаш заради некоја влада во Софија вие прифаќате уставни измени. Уставот во овој момент не треба да се отвора, рече Милошоски.