„Прво Парламентот има надлежности врз дел од Судскиот Совет затоа што Парламентот бира дел од членовите на Судскиот Совет. И за секој функционер кој што е избран од Собранието и има некаква надлежност, Собранието има право и обврска да побара отчет пред Собранието, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија говорејќи за ситуацијата во Судскиот Совет.
„Сакаме во Собранието да се разговара за Републичкиот Судски Совет бидејќи ова е најниското ниво на развојот на правосудните би рекол малверзации кои што актуелната Влада ги прави“, рече тој.
Милошоски смета дека власта ја деградира институцијата по сите основи така што Републичкиот Судски Совет во моментов нема никаков авторитет ниту да наградува, ниту да санкционира судии или судови. Затоа смета дека треба целосно ресетирање на Републичкиот Судски Совет.
„Бараме од претседателот на Собранието оваа Информација да ја стави на првата наредна седница, да разговараме на оваа тема имаме и предлог заклучоци кои што ќе ги покажеме тогаш и сметаме дека можеме да придонесеме да се санираат штетите кои се веќе направени“, појасни Милошоски.
Тој додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сакаат посериозна расправа внатре во Собранието за да се разгледаат сите аспекти и да им се даде можност и на членовите од Судскиот Совет кои што Собранието ги бира да дојдат и да го кажат своето мислење. Но интерпелацијата за петте членови избрани од Собранието во Републичкиот Судски Совет исто така е опција бидејќи се смета дека таму веќе одговорноста не е само поединечна, не треба некој да се крие зад меѓучовечките односи, не е ова прашање на поголема или помала симпатија кон колега или колешка туку ова е деградирање на една клучна институција за правосудството. Интерпелацијата на членовите кои што ги бира Собранието е една од опциите која што ќе се разгледа по расправата.