„Остро ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина и стоиме единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешното одбележување на крајот на заедничката обука на припадниците на ренџерскиот баталјон и баталјонот за специјални сили со морнаричките специјални сили на САД во касарната „Илинден“.

Министерката Петровска истакна дека македонските граѓани стојат во солидарност со граѓаните на Украина и дека безбедноста на нашата земја е гарантирана. Таа порача дека нашата јавност треба да биде сигурна дека државниот врв будно ги следи состојбите и ги превзема сите мерки за гаранција на безбедноста.

Амбасадорката на САД, Кејт Брнз која присуствуваше на церемонијата порача дека денешните настани покажаа зошто вештините кои заеднички ги развиваме се важни за Европа.

„Оваа вежба, оваа мисија која беше изведена маестрално демонстрираше дека ние навистина сме посилни заедно и иако ние како НАТО сојузници продолжуваме со напорите да бараме дипломатски решенија за руската агресија и да изнајдеме конструктивни исходи, нема да правиме компромиси за основните принципи, кои го вклучуваат правото на секоја земја да го избере својот пат и нашата способност да ги заштитиме и браниме сите сојузници“, изјави амбасадорката Брнз.

Заедничката обука на македонските ренџери и специјалци со нивните американски колеги траеше шест недели и како што заклучија и министерката Петровска и амбасадорката Брнз, таа е уште еден доказ за определбата заедно да ги развиваме способностите и интероперабилноста во Алијансата и дека сојузништвото е пред сè и над сè.

Обуката на македонските и американските војници се реализираше во касарната „Илинден“, на стрелиштето „Стенковец“ и на армискиот полигон „Криволак“.