При посетата, тој оствари средба со директорката на уметничката галерија во Тетово, Беса Даути, која го информираше за оштетувањата предизвикани од невремето и потребата од итна интервенција за санација штетата.
На денешниот увид присуствуваа и директорите на Националниот конзерваторски центар, Мемет Селмани и на Управата за заштита на културното наследство, Зоран Павлов, со стручните тимови.
За време на средбата, министерот Љутков истакна дека заштитата на културното наследство е еден од врвните приоритети на Министерството за култура и туризам, а со тоа и на новата влада.
„По направениот увид од страна на стручните служби од Управата за заштита на културното наследство и од Националниот конзерваторски центар, во најкус можен рок ќе се добие реална слика за настанатата штета и ќе бидат утврдени начините за што поскоро и поуспешно справување со последиците, што врз овој објект ги остави невремето кое го зафати тетовскиот регион“, изјави министерот Љутков.
Во 2015 година на заштитеното недвижно добро „Стар амам“ е направена целосна конзеравација на објектот и партерното уредување со што беше ставен во функција како современ галерски простор во Тетово.