Автентично толкување на закони врши Собранието. Претседателот на ПЦЕР Самка Ибраимовски, КСОМ, да се обратат до законодавниот дом, велат од Министерството за правда во реакција по протестот организиран од неколку здруженија, а насловен „стоп за извршителите“ откако група демонстранти попладнево упатија низа барања од Министерството за извршителите да го почитуваат законот, пренесува Press24.mk.

Реакцијата на Министерството за правда ја проследуваме во целост:

„Собранието на РСМ на 18.07 2023 година донесе 2 законски решенија: Измени во Законот за извршување со 1 член кој се однесува на членот 18 а во делот на висината на неисплатената камата, и измени во Законот за облигациони односи со 3 члена. Законите беа објавено во Сл весник 154/2023 од 20 јули.

Извршителите постапуваат согласно Законот за извршување кој утврдува дека:

– извршителот постапува врз основа на извршна исправа- утврдени во членот 12, а по барање на доверител,

– извршителот не смее да одбие спроведување на извршување- член 3,

– Донесува налози и заклучоци, составува записници, бара, потврди и службени белешки согласно законот- член 40,

– Формата на актите е пропишана од страна на Министерот.

Законската измена во членот 18 на Законот утврдува дека : „Кога во извршната исправа е определена наплата на камата од должникот истата се пресметува и наплатува до денот на исплатата на средствата на посебната сметка на извршителот, односно до моментот кога исплатената камата ќе го достигне износот на главниот долг.“

Законската одредба, директно ја дерогира извршната исправа во делот на камата, и не утврдува било каков основ за донесување на било каков акт од страна на извршителот- што би требало да го пропише Министерот. Извршителите ја применуваат директно.

Притоа извршителите немаат законска надлежност да одлучуваат по сопствено убедување или диспозиција и да преземаат дејствија кои не се пропишани и определени со Законот за извршување.

Законот за извршување ја регулира сферата на присилно извршување на извршните исправи. Доколку должниците навремено постапуваат согласно правосилните судски одлуки и нотарски платни налози, и ја реализираат доброволно наложената обврска од страна на судот или нотарот, нема потреба да станат предмет на присилно извршување. Ако пред суд или нотар мора да се пристапи заради реализација на одредени права, пред извршител не мора да се оди. Доволно е само да се почитува правосилната судска или нотарска одлука.

Втората Законска измена пак се однесува на Законот за облигационите односи кој претставува системски закон со кој се регулираат сите договорни и други облигациони односи во прометот на стоки и услуги за сите правни и физички лица.

Било каков проблем кој произлегува од примената на ЗОО претставува предмет на судска заштита, во рамки на парничната постапка.

Па така ЗОО покрај многу други прашања ги уредува и договорните и казнените камати, и застареноста. Притоа во членот 349 (кој не е предмет на законските измени) е утврдено дека Судот не ја зема предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа. Постојат бројни законски одредби со кои се уредува сферата на застареност на побарувањата и правото да се бара присилно извршување на обврската, како откажување од застареност, признавање на долг, и за нив одлучува исклучиво суд“.