Министерството за здравство предводено од министерот Алиу формираше работна група која ќе го истражува случајот „извоз на мозоци за научни цели“. Ќе се проверуваат сите информации и податоци за наводите поврзани со испраќање човечки мозоци од Македонија во САД. Ќе се проверува дали имало соодветна документација, дали се барала согласност од семејствата, дали е почитувана правната рамка и етичката димензија.

Ресорниот министер вели дека многу скоро ќе се знае што точно се случувало во период од две децении, од 1994-та до 2015-та година, кога соработката со Универзитетот Колумбија прекинала.

– Формиравме работна група која ќе го следи административниот дел за временскиот период кој е таму дефиниран, дали имало некаков документ или не во министерството или некој меморандум за научни истражувања или за клинички истражувања и анализи.Верувам дека за кратко време ќе ме информираат од различните департменти дали имало или немало таква активност. Засега се е шпеклуации и информации што ги слушаме насекаде – изјави за Коха, Азир Алиу, министер за здравство.

Од Јавното Обвинителство засега нема реакција на објавените информации за тнр. „извоз на мозоци во научни цели“. Досега е потврдено дека три државни психијатриски болници – Бардовци, Демир Хисар и Негорци биле дел од проектот во кој македонски патолози и форензичари со години соработувале со Универзитетот Колумбија во Њујорк. Во рамки на таа соработка, тие развиле нов метод за анализа на мозочно ткиво, наречен „нео-Голџи“.

Овој метод е опишан во научен труд од 2013 година, потпишан и од професорите Алексеј Дума, Горазд Росоклија и Ендру Џеј Диворк. Трудот е објавен и во универзитетски билтен на УГД „Гоце Делчев“ – Штип.

Во трудот се наведува дека со методот биле обработени 220 примероци од мозочно ткиво од над 175 човечки обдукции. Според еден од авторите, професор Росоклија, мозоците потекнувале од заедничка збирка на македонски и њујоршки психијатриски институти, најчесто од лица со психијатриски заболувања. Причините за смртта биле различни – самоубиства, убиства, несреќи, давења, труења, срцев удар, како и неколку случаи на тешки болести.

Информацијата изби во јавноста откако во документите поврзани со Џефри Епстин, кои ги објави американското Министерство за правда, беше спомната соработката на негова фондација со универзитетот Колумбија кој користел мозоци од увоз од, како што стои, „малата балканска земја“ Македонија.

„Македонските мозоци се замрзнуваат веднаш по вадењето и се транспортираат над седум и пол илјади километри во специјални кутии, под надзор, за да завршат во црни кутии со големина на кутии за чевли, обележани со QR кодови. Внатре има исечени парчиња розово ткиво во пластични кеси, обележани со маркери: десна страна, лева страна, датум на собирање“, се наведува во текстот објавен како дел од документите на Епстин.