Министерството за здравство на Канцеларијата на извршителот Крум Коцарев на крајот од месец септември му исплатило 2 милиони евра во три трансакции, покажува платформата „Отворени финансии“, објави ФАКТОР.

На 27 септември на сметката на Коцарев легнале три уплати од 61.226.323, 35.204.334 и 27.108.449 денари. Од Министерството за здравство не ни одговорија што поточно значат овие три трансакции, но ни рекоа дека станува збор за стар долг од времето на големата поплава во скопско Стајковци, Ченто и околината во 2016 и дека станува збор за судски спор со ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје. Не е познато дали во игра тука е и приватен оператор и колкава е каматата, покрај основниот долг.