Руските и украинските преговарачи изјавија дека е постигнат одреден напредок во дводневните мировни преговори во Абу Даби, кои завршија денеска. Средбите се одржаа со посредство на Соединетите Американски Држави по осуммесечен прекин на директните контакти.
Американските посредници оценија дека постои недостиг на доверба меѓу завојуваните страни, како и длабоки разлики во однос на клучните прашања, меѓу кои централно место зазема територијата.
Главниот преговарач на Русија, Владимир Медински, наведе дека постигнувањето мировен договор станува реална цел по последните дипломатски разговори.
„Но, во моментов, многу зависи од сите вклучени во процесот. Многу зависи од Украина, од ставот на САД и од тоа дали Европа ќе се вразуми“, истакна Медински.
Медински посочи дека на одредени прашања е постигнато меѓусебно разбирање, но за други сè уште постојат сериозни несогласувања. Тој најави продолжување на преговарачкиот процес и одби да открие конкретни детали од разговорите, нагласувајќи дека принципот на дипломатијата налага ништо да не се објавува додека не се постигне конечен договор.
Според рускиот главен преговарач, една од централните теми на масата била идната архитекура на европската безбедност. Тој оцени дека на меѓународната заедница ѝ е потребен нов, современ и праведен безбедносен систем кој нема да функционира на штета на ниту една поединечна држава.
Во овие први официјални мировни преговори по осум месеци, Москва и Киев договорија поголема размена на заробеници, но не беа постигнати други позначајни конкретни резултати по завршувањето на состаноците.
Американскиот претставник Џаред Кушнер изјави дека меѓународните посредници се обидуваат да ги задоволат интересите на двете страни со цел да се стави крај на најголемиот воен судир во Европа по завршувањето на Втората светска војна. Тој изрази уверување дека постои јасен пат што може да доведе до воспоставување мир.
И покрај јавниот оптимизам што го изразува претседателот Доналд Трамп, засега нема потврда за постигнат компромис околу најтешките стратешки прашања меѓу двете страни.
Дискусиите околу територијалните отстапки влегоа во ќорсокак откако Украина категорично ги одби барањата на рускиот претседател Владимир Путин за предавање на целиот источен регион Донбас во замена за запирање на огнот. Поради тоа, американските преговарачи се обидоа да го пренасочат фокусот врз повоените безбедносни гаранции и плановите за економска обнова.
„Всушност, во моментов нема доверба меѓу страните и тоа е очекувано по судир како овој“, рече Кушнер.
Тој додаде дека состаноците во главниот град на Обединетите Арапски Емирати директно ги отвориле најсложените територијални спорови кои бараат дополнителни дипломатски напори.
„Во некои области гледаме простор за компромиси, а на други места ни се потребни уште дискусии, но верувам дека ова беше многу добар чекор“, додаде Кушнер.
Кушнер најави дека заедно со неговиот соработник Стив Виткоф заминуваат за Москва на директна средба со рускиот претседател Владимир Путин. На таа средба ќе биде покрената иницијативата за проширување на преговарачкиот формат преку вклучување на европските партнери, за кои посочи дека задолжително мора да седнат на масата.
Тој истакна дека идната безбедносна архитектура на европскиот континент би можела да послужи како основа за сеопфатен договор, но се воздржа од откривање дополнителни поединости.
Од своја страна, Медински изјави дека руската делегација во Абу Даби немала контакти со претставници од европските држави и посочи дека од нивна страна не пристигнале никакви конкретни мировни предлози. Тој упати критика дека европските функционери треба да го применат реализмот на американските пратеници, при што ги оцени Стив Виткоф и Џаред Кушнер како искрени преговарачи фокусирани кон постигнување резултати наместо празна реторика.
По завршувањето на состаноците во руската престолнина, пратениците Кушнер и Виткоф ќе отпатуваат за Ирска, каде што ќе одржат средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Зеленски преку јавно обраќање порача дека европските сојузници мора активно да учествуваат во сите фази од мировниот процес.
„Приоритет на Украина е што поскоро да заврши војната, со достоинствен мир. Веруваме дека Европа треба да биде претставена во секоја фаза од вистинската дипломатија“, објави Зеленски.
