Во синоќешната емисија „Заспиј ако можеш“ на Алфа ТВ, гостин беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски кој што истакна дека енергијата ја добива од терен на средби со народот и така ги осознава проблемите, нагласи дека граѓаните најмногу се загрижени за најголемата инфлација што ја има Македонија од целиот регион.

„Јас сум теренец, сум го кажал тоа многу пати, многу ми значи тоа, така ја добивам и енергијата, но така го гледам и растот на ВМРО-ДПМНЕ или пак она што имаме проблем можеби. Оној политичар што не оди на терен лично за мене не е политичар. Не може да знае и осети што мисли народот и кои се проблемите. Овој премиер никогаш не бил на терен нема осет Ковачевски за такви работи можеби сега и ќе почне да оди како претседател на партија но тоа е негова работа. Имав сериозни прашања и за „Бехтел и Енка“, но најмногу се загрижени луѓето најголемата инфлација што ја има Македонија од целиот регион и тоа навистина многу ги боли и тие прашања се секојдневие“, истакна Мисајловски.

Мисајловски додаде и дека на теренските средби граѓаните најмногу го коментираат образованието и здравството кое ни е на најниско ниво во историјата до сега.

„Исто така има прашања за образованието, за здравството, многу луѓе коментираат дека здравството ни е на најниско ниво во историјата до сега. Ние ги сублимираме сите теми и врз основа на сите овие посети понатаму ќе продолжат и други работи да се случуваат, ќе имаме трибини во поголемите градови на различни области и сето ова ќе го преточуваме во програма“, кажа Мисајловски.

Мисајловски рече и дека некои политичари доаѓаат како на тезга и си одат но тој и останатите треба да живеат во нивните средини, нормално да функционираат и да помагаат на граѓаните.

„Можеби некои политичари кои што доаѓаат, јас ги нарекувам како на тезга, како Никола Димитров и останатите ќе си завршат работата и после ќе се вратат или не, како премиерот, тие се дојдени тука за една работа и ќе си заминат, сите ние други останати треба да живееме во нашите средини, нормално да функционираме и да помагаме. На крајот на денот, ако не го правите тоа, бадијала сте во политика“, нагласи Мисајловски.