Учество на глобалниот самит REAIM во А Коруња

Министерот за одбрана Владо Мисајловски во наредните два дена ќе престојува во Шпанија, каде ќе учествува на глобален меѓународен Самит за вештачка интелигенција во одбраната – REAIM, што се одржува во градот А Коруња.

Посетата се реализира на покана од министерката за одбрана на Кралството Шпанија, Маргарита Роблес Фернандес. Самитот се организира трета година по ред и претставува платформа за дискусија за улогата на вештачката интелигенција во воените системи и безбедносните политики. Настанот е во организација на министерствата за одбрана и за надворешни работи на Шпанија.

Предвидена билатерална средба со шпанската министеркa

За време на престојот во Шпанија, планирано е Мисајловски да оствари средба со министерката Фернандес. Целта на средбата е унапредување на билатералната соработка во областа на одбраната, информираат од Министерството за одбрана.

REAIM претставува меѓународен форум на кој учествуваат високи претставници на држави, меѓународни организации, академската заедница, приватниот сектор и граѓански организации. На самитот се разговара за начинот на развој и користење на вештачката интелигенција во воени цели, со фокус на зачувување на меѓународниот мир и безбедност.