Европската Унија е подготвена да го поддржи Мароко по смртоносниот земјотрес во кој загинаа најмалку 296 лица, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

„Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија и со спасувачите вклучени во операцијата за пребарување“, напиша Мишел на платформата Х, поранешен Твитер.

„Вестите за земјотресот се застрашувачки. ЕУ е подготвена да го поддржи Мароко во овие тешки времиња“, објави Мишел.

Коментарите на Мишел дојдоа од индискиот главен град Њу Делхи, каде што тој учествува на Самитот на Г20.

Силен земјотрес го погоди Мароко доцна синоќа, а според прелиминарните податоци на Министерството за внатрешни работи, загинаа најмалку 296 лица, а 153 се повредени.

Мароканскиот геофизички центар соопшти дека земјотресот се случил во областа Игил во планината Висок Атлас со јачина од 7,2 степени. Американскиот геолошки институт ја процени јачината на земјотресот на 6,8 степени и соопшти дека е на релативно мала длабочина од 18,5 километри.

Игил, планинска област со мали земјоделски села, се наоѓа на околу 70 километри југозападно од Маракеш. Земјотресот се случил нешто по 23 часот по локално време.

Локален функционер изјави дека најголем дел од смртните случаи се случиле токму во планинските области, кои се тешко достапни.