Во писмото испратено до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Бритранија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во земјава, доктор Митрев, покрај тоа што ги информирал за текот на истрагата, до нив упатил и повик за поголем мониторинг во истражниот тек и основаноста на обвинението, поради, како што се вели, несериозниот и површниот пристап во постапката
Со писмо до неколку странски амбасади и Делегацијата на Европската Унија во земјава, докторот Жан Митрев кој е и сопственик на истоимената клиника, од нив побарал да посветат поголемо внимание во текот на постапка која се води против докторот и Клиниката во врска со обвинението за измама кое го покрена Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.

Во писмото испратено до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Бритранија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во земјава, Митрев, покрај тоа што ги информирал за текот на истрагата, до нив упатил и повик за поголем мониторинг во истражниот тек и основаноста на обвинението, поради, како што се вели, несериозниот и површниот пристап во постапката.

„Ви се обраќам со намера да Ве информирам и запознам за случајот што верувам дека може да остави длабоки траги во општественото живеење, во перципирањето на здравствената професија и случај што претендира да воведе лоша пракса во правосудниот систем во државата. Ваквите примери можеби се ретки, но и како такви може да предизвикаат штета со далекусежни последици”, стои во писмото до амбасадите и европските претставништва кое го испратил доктор Митрев.

Во писмото испратено до амбасадите, Жан Митрев посочил дека во периодот од ковид-пандемијата за кога се однесува обвинението, клиниката го имала највисокиот процент на успешни третмани на лица заболени со ковид-19, а дека имала и помала смртност во однос на смртноста на ковид-пациенти во однос на други болници.

„И покрај овие резултати, и покрај пожртвуваната работа на целиот тим, денес Клиничката болница Жан Митрев и моето име и дело се предмет на истрага за која имаме основани сомневања дека се спроведува површно без да се навлезе во суштината. Со ваквиот пристап не само што се занемаруваат многу елементи коишто се факти сами по себе, туку и се спречува фактичната вистина што нашите пациенти ја знаат и ја доживеале, што ние како персонал на клиниката сме ја доживеале, да биде докажана и институционално потврдена“, се додава во писмото.

На крајот од писмото, Митрев изразил надеж дека пристапот во истрагата против него, која кој ја смета за несериозна и површна, ќе ги поттикне амбасадите да покренат засилен мониторинг за овој случај.

На 10 јануари годинава, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен акт против докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената клиника, за кривичното дело измама, поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација. Обвинителен предлог за измама има и за клиниката како правно лице.

Еден ден пред да биде поднесено обвинението против него, Митрев изјави дека не се плаши од обвинение за измама во врска со лекувањето ковид-пациенти со методот на хемофилтрација и не планира да се спогодува со обвинителството.