Вонредна седница на Владата

Владата денеска на вонредна седница одлучи да ги намали акцизите за горивата, со цел да се ублажи ценовниот притисок и да се заштити стандардот на граѓаните.

Литарот дизел ќе биде поевтин за 4 денари, додека безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе се намали за 2 денари по литар. Одлуката премиерот Христијан Мицкоски ја соопшти на прес-конференција, нагласувајќи дека со оваа мерка драматично се стабилизира цената на горивата.

„Без намалување на ацизата, литар дизел ќе беше околу 102 или над 102 денари, а безоловниот бензин од 95 и 98 октани ќе беше поскап за 1,5 до 2 денари“, рече Мицкоски.

Продолжување на намалено ДДВ и договор со ОКТА

На седницата Владата одлучи и ДДВ-то за горивата да остане намалено од 18 на 10 проценти до крајот на кризната состојба, која ќе истече на 20 април.

Мицкоски информираше дека денеска се одржаа преговори со компанијата ОКТА и е договорено попустот да се продолжи до крајот на април – 3 денари за дизел по литар и дополнителни 2 денари помалку за безоловните бензини од 95 и 98 октани.

„Кога сето ова ќе се анализира, доаѓаме до цена која за дизелот ќе биде иста како и до сега, доколку се вкалкулира попустот од 4 денари за акцизата и 3 денари што го добиваме од ОКТА, така што ги амортизираме потенцијално 7 денари зголемување по литар. Кај безоловните бензини од 95 и 98 октани, покрај 2 денари акциза по литар, ќе имаме 2 денари по литар намалување, односно ќе бидеме 2 денари во минус од цената што беше во изминатиот регулиран период, изјави Мицкоски на прес-конференцијата“, додаде тој.

Причини за намалувањето

Премиерот нагласи дека одлуката е донесена поради неизвесноста предизвикана од тензии на Блискиот Исток и притисокот врз економијата.

„Не можеме да бидеме изолирани од влијанието на глобалните процеси, но делуваме и не чекаме кризата да нè прегази“, рече Мицкоски.