Во пресрет на подадената рака од опозицискиот лидер Венко Филипче за соработка на локалните избори во октомври, премиерот Христијан Мицкоски бара општествена поддршка за кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.
Кои ќе бидат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје?
Имињата на Орце Ѓорѓиевски и Златко Перински веќе неколку месеци се споменуваат како можни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, но Мицкоски вели дека засега никој од нив официјално не покажал интерес.
Од друга страна, лидерот на СДСМ Венко Филипче изјави дека кандидатите на СДСМ за градоначалници ќе бидат познати до средината на април.
Преговори во ВЛЕН, ДУИ во неизвесност
Партнерите во коалицијата ВЛЕН веќе започнале разговори за локалните избори. Дритон Селмани за Алсат изјави дека целта е заеднички настап за да се донесат промени слично како на парламентарните избори.
„Коалицијата ВЛЕН започна разговори за претстојните локални избори. Наш интерес е да се здружиме и да донесеме промени, како што направивме на последните парламентарни избори. Не можам да кажам кога ќе има конечен договор“, рече Дритон Сулејмани од ВЛЕН.
Во меѓувреме, опозициската ДУИ сè уште не го дефинирала својот настап. Лидерот Али Ахмети претходно изјави дека ако Уставниот суд донесе одлука што би влијаела врз Законот за употреба на јазиците, ДУИ нема да учествува на локалните избори.
Ова во јавноста беше толкувано како можна најава за бојкот, но засега нема официјална потврда од ДУИ.
Локалните избори како нов тест за коалициите
Иако изборите се закажани за октомври, позициите на партиите сè уште се дефинираат. ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги консолидира силите, СДСМ се подготвува да ги објави своите кандидати, ВЛЕН бара заеднички настап, а ДУИ останува во неизвесност.
Локалните избори ќе бидат клучен тест за стабилноста на политичките коалиции и нивното влијание во локалните самоуправи низ државата.