Мицкоски децидно упати апел Пратениците треба да гласаат за распуштање на Судскиот совет.

Апел за инклузивни реформи во судството

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Велес ги повика сите парламентарни партии заеднички да работат на темелни реформи во судството. Според него, неопходно е да се постигне широк општествен консензус за да се осигури независноста и ефикасноста на судските институции.

„Овој процес мора да биде отворен и вклучувачки. Нашата цел не е да имаме ексклузивно право за имплементација на овие промени, туку сите заедно да работиме на тоа. Ги повикувам сите пратеници во Парламентот, доколку се согласуваат дека овој Судски совет повеќе не заслужува доверба, да гласаат за негово распуштање кога точката ќе дојде на дневен ред. По тоа, заедно ќе најдеме компетентни личности кои ќе го мониторираат и ќе ги идентификуваат судиите што ја злоупотребуваат својата функција и носат одлуки што го загрозуваат правниот систем,“ изјави Мицкоски.

Во текот на вчерашниот ден, премиерот изјави дека очекува членовите на Судскиот совет да покажат доблест. Тој рече дека очекува тие сами да се повлечат доколку им биде изгласана интерпелација. Премиерот ополни дека судскиот систем мора да се ослободи од партиски влијанија и да се спроведат суштински реформи.

Мицкоски: Очекувам членовите на Судскиот совет да покажат доблест и сами да се повлечат

Критики кон опозицијата и очекување на поддршка

И лидерот на опозицијата, Венко Филипче се огласи за распуштање на Судскиот совет. Премиерот посочи дека очекувал од опозициската партија СДСМ да биде поконструктивна и рационална во своите изјави, бидејќи реформите во судството се од национално значење.

„Очекував СДСМ да покаже поголема одговорност и да застанеме заедно во обезбедувањето на национален консензус за реформите. Треба заеднички да работиме на овие измени, за да не се протолкува дека Владата еднострано носи одлуки. Ги повикувам сите парламентарни партии да се вклучат во овој процес, бидејќи само така ќе обезбедиме транспарентен и ефикасен судски систем,“ додаде премиерот.

Реакција од Венко Филипче

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, реагираше на иницијативата за интерпелација на членовите на Судскиот совет, предупредувајќи дека судските реформи не смеат да доведат до дополнителна партизација.

„Не смееме да дозволиме судството да стане уште подиригирано и контролирано од власта. Граѓаните бараат правда, а не нова форма на политичка доминација во оваа институција. Судските реформи мора да се спроведуваат со целосен политички консензус, со вклучување на сите партии во Собранието,“ напиша Филипче на Фејсбук.

Поднесена интерпелација за Судскиот совет

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ денеска до Собранието поднесоа интерпелација за разрешување на членовите на Судскиот совет кои се избрани од страна на законодавниот дом. Оваа иницијатива ќе биде предмет на натамошна дебата во парламентот, а политичките партии ќе треба да одлучат дали ќе поддржат промени во судскиот систем.

Темата за распуштање на Судскиот совет следува по прегазувањето на младата Фросина Кулакова. Тоа одново во јавноста ја отвори темата за судиите и обвинителите, но и прашањњето дали се под нечии инструкции. На оваа тема, нашиот медиум објави повеќе статии.