Во фокус биле економијата, инвестициите и регионалната поврзаност
Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил средба со претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут, на која биле разгледани билатералните односи меѓу двете земји, како и можностите за нивно унапредување.
„Денеска остварив средба со Ѓуро Мацут, претседател на Владата на Република Србија, на која разговаравме за унапредување на билатералната соработка, регионалната стабилност и можностите за продлабочување на економските и институционалните врски меѓу нашите земји“, стои во објавата на Мицкоски.
Пријателска атмосфера и заеднички приоритети
На средбата, како што наведува премиерот, биле разменети ставови за актуелните регионални предизвици и заедничките приоритети, со посебен акцент на економската соработка и поврзување.
„Во пријателска и конструктивна атмосфера разменивме мислења за актуелните предизвици и заедничките приоритети, со посебен акцент на јакнењето на регионалната поврзаност, инвестициите и соработката во области од заемен интерес“, се наведува во објавата.
Потврдена подготвеност за продлабочување на односите
Двајцата соговорници ја потврдиле подготвеноста за продолжување и унапредување на добрососедските односи, со цел економски развој и стабилност во регионот.
„Ја потврдивме подготвеноста за понатамошно развивање на добрососедските односи и заедничка работа во насока на просперитет, стабилност и подобра иднина за граѓаните на двете држави“, додаде Мицкоски.
