Премиерот најави линеарно зголемување на пензиите од 2 илјади денари, со по 1.000 денари во есен и пролет

Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во „Само Интервју“ на телевизија Канал 5 најави линеарно зголемување на пензиите од 2 илјади денари, кое ќе биде реализирано во следните шест месеци.

Тој објасни дека анализите се во тек. Планирано е линеарно зголемување од по 1.000 денари во октомври и април.

„Сериозно сме ангажирани во таа анализа, правиме проценка колку би било процентуално зголемување, колкав би бил волуменот на парична маса, да го поделиме со бројот на пензионери. Правиме анализа линеарно да се зголемат пензиите по 1.000 денари сега на есен во октомври кога ќе ја земат пензијата, и во април за март практично, односно 2.000 да има зголемување линеарно за сите пензионери во рамките на следните шест месеци. Сериозно сме во таа анализа и многу скоро, бидејќи тоа мора да се случи пред распишувањето на изборите, дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници ќе го поднесеме тоа“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека при средбите со пензионерите, најчесто се бара токму линеарно зголемување. Затоа Владата е блиску до носење на одлука за тоа.