Бизнис заедницата добива олеснување – царинските тарифи се преполовуваат
Премиерот Христијан Мицкоски најави значајно намалување на царинските тарифи. Намаувањето е директен одговор на барањата на бизнис заедницата. Според него, оваа мерка е првпат системски усогласена по децении, со цел да се поттикне домашното производство и извозот.
„Станува збор за парафискални давачки кои ги обременуваа компаниите. Сега, 50% од царинските тарифи ќе бидат нивелирани од 1 јули оваа година, а останатите 50% од 1 јануари 2026 година“, рече Мицкоски.
Царинските ставки ќе се усогласуваат со европските стандарди
Мицкоски подвлече дека овие реформи се во насока на европско усогласување, што е суштинско за економската интеграција на Македонија. Тој нагласи дека ова ќе ја зголеми конкурентноста на македонските производи, како на домашниот, така и на странските пазари.
Царина од 0% за производи од САД – Македонија со најниски стапки
На новинарско прашање за евентуалното зголемување на царините од страна на претседателот Доналд Трамп, Мицкоски истакна дека Македонија оди во спротивна насока – кон намалување. Тој откри дека се водат интензивни разговори со американската администрација, при што е договорена царина од 0% за производи и услуги од САД.
„Ја намалуваме царинската стапка на 0% за американски производи. Веќе имам водено разговори со државниот секретар за економија Хауард Лутник. Очекувам Македонија да биде една од земјите со најниски царински стапки по потпишувањето на договорот“, додаде Мицкоски.
Придобивките од царинското намалување – олеснет увоз и стимулиран извоз
Новата царинска политика ќе обезбеди поевтини суровини и репроматеријали за домашните компании, ќе го поттикне инвестицискиот амбиент и ќе ја засили конкурентноста на македонските производи во странство. Воведувањето на нулта тарифа за САД дополнително отвора врати за поширока трговска соработка.
Извор: Миа