Бројот на невработени е понизок и во споредба со лани
Државниот завод за статистика објави дека во првото тримесечје од 2026 година е регистрирано намалување на бројот на невработени лица во земјава.
Според податоците, невработеноста е намалена за еден отсто во споредба со последниот квартал од 2025 година, додека во однос на истиот период лани падот изнесува 2,3 проценти. Од вкупниот број невработени, 62,4 отсто се мажи, а 37,6 проценти се жени. Во истиот период е забележано и мало намалување на бројот на вработени лица.
Според ДЗС, бројот на вработени е понизок за 0,3 проценти во споредба со претходното тримесечје. Од вкупниот број вработени, 57,9 отсто се мажи, а 42,1 проценти се жени.
Зголемен бројот на неформално вработени
Податоците покажуваат и раст на неформалната вработеност во државата. Во првото тримесечје од годинава биле регистрирани 94.197 неформално вработени лица, што претставува зголемување од 4,3 проценти во однос на претходниот квартал.
Најголем дел од неформално вработените се во секторот земјоделство, шумарство и рибарство, каде се регистрирани 43,6 проценти од вкупниот број.
Во градежниот сектор се евидентирани 17,5 проценти од неформално вработените лица.
Активното население брои речиси 798 илјади лица
Според статистичките податоци, активното население во државата изнесува 797.884 лица. Од нив, 707.385 се вработени, а 90.499 лица се невработени.
Стапката на активност во првиот квартал од 2026 година изнесува 52,5 проценти, стапката на вработеност е 46,5 проценти, додека стапката на невработеност е 11,3 проценти.
