Проактивна стратегија наместо реактивност
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека политиката на претходната Влада довела до тешка позиција во која денеска се наоѓа земјата. Во телевизиско интервју, тој рече:
„Некој од претходната Влада, мекотел, водел таква политика и го донел народски кажано „слонот во собата“ и ние не можеме да го игнорираме, таа политика на претходната Влада не доведе до една таква позиција во којашто ние денеска се наоѓаме.“
Мицкоски додаде дека Владата се фокусира на проактивен пристап и креира стратегија врз основа на релевантни информации од меѓународните кругови:
„Ние мораме како одговорни политичари се што ќе слушнеме на релевантни места од релевантни луѓе да го антиципираме, да го процесираме и да креираме стратегија. Значи ние сме проактивни, не сме реактивни. Нема да бидеме политички мекотели. Ние како Влада и како политичка партија имаме многу јасен став по тоа прашање.“
Заштита на националните интереси и принципиелни позиции
Премиерот истакна дека Владата ќе штити принципиелни позиции и нема да прифаќа неодговорни политики:
„Ако ние сме жртва на мекотелната политика на претходната Влада, на политиката којашто не го заштитила интересот, тоа е глупав чекор. Ние мораме да бидеме тие коишто ќе се обидат сè да направат што можат тоа да го исправат, а притоа да обезбедат гаранција дека повеќе нема да има ваков тип на условувања. И истовремено, ако ние почитуваме, треба сите да почитуваат. Ако за нас важи принципот Pacta sunt servanda треба да важи за сите.“
Во однос на изјавата на пратеникот Венко Филипче од СДСМ дека можни се инциденти доколку не се исполни договорот, Мицкоски оцени:
„Тоа е изјава на неодговорен политичар и дека ваквиот тип на авантуристички мекотелни политики од страна на опозицијата не само што не помагаат, туку дополнително одмагаат.“
НАТО, ЕУ и резултати од домашните политики
Премиерот го потенцираше членството на Македонија во НАТО и постигнатите резултати во домашните и надворешните политики:
„Македонија е членка на НАТО, којашто во рамки на Алијансата има свои права и обврски; потоа ова е Влада којашто владее на целата територија на државата и точно знае што се случува на целата територија; трето, имаме принципиелна политика; четврто ние имаме усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ, прва земја од регионот што тоа го направи; петто, Советот на Европа само нам од сите земји од Западен Балкан ни го прекина постмониторингот, што значи дека сме зрела демократија, се почитуваат човековите права и владее правото.“
