Бошњачката заедница е доказ дека и малите заедници можат да имаат големо срце и голема улога во заедничката приказна на државата – порача премиерот Христијан Мицкоски од Свечената академија по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците. Премиерот упати честитки до припадниците на Бошњачката заедница во земјава и потенцираше – ние немаме големи и мали заедници, ние сме сите Македонија.
-Ние го избираме патот на заедништвото, солидарноста и почитта. Затоа денот на Бошњаците не е само ден на една заедница туку на цела Македонија. Тоа е ден кој не потсетува дека иднината можеме да ја градиме само заедно, со почит, со доверба и со љубов кон заедничкиот дом, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Честитки до Бошњачката заедница во земјава по повод 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците упатија и претседателката Гордана Силјановска Давкова, претседателот на Собранието Африм Гаши, вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, лидерот на СДСМ Венко Филипче како и лидерите на останатите политичките партии во земјава.