Разговори за приближување кон ЕУ и стратешки проекти

Премиерот Христијан Мицкоски денеска престојува во службена посета на Брисел, каде што одржа низа средби со претставници на европските институции.

Мицкоски истакна дека денот го започнал со средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оценувајќи ја како пријателска и искрена.

„Само што завршивме со средбата со претседателот на Европскиот совет, господинот Антонио Кошта, пријателска средба. Првата средба ја имавме точно пред една година кога господинот Кошта беше избран за претседател на Европскиот совет и од тогаш до денеска негуваме навистина пријателски и искрени односи. Господинот Кошта е голем пријател на Македонија и во таков дух помина денешната средба. Повторно разговаравме за актуелните теми, нормално приближувањето на нашата земја кон Европската Унија и конечно формалното отпочнување на преговорите,“ изјави Мицкоски.

Тој додаде дека состанокот бил продуктивен и посветен на клучните прашања за земјата:

„На состанокот апсолутно ги повторивме нашите единствени позиции кои што навистина се позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија. Имавме пријателски и би рекол прилично продуктивен состанок, едноставно сето она кое што претставува наш приоритет е и приоритет на господинот Кошта. Покрај приближувањето кон ЕУ и отпочнувањето на преговорите, имаше уште неколку проекти кои што се за нас стратешки важни, тоа е гасниот интерконектор со Србија и крак на гасниот цевковод кон соседно Косово. Понатаму, тарифите за челикот и челичните производи на македонските производители, како и заедничкиот проект што нашата македонска Влада ќе го има со Европската комисија, а се однесува на проектите кои што треба да ги реализираме во Кочани и во кочанскиот регион. Сè на сè, можам да кажам дека исклучително успешна и продуктивна средба, продолжуваме и понатаму со нашите средби овде во Брисел. Имаме настан со Еуроњуз, имаме вечер вечера со комесарката Марта Кос и се надевам и сигурен сум на позитивни вести,“ изјави премиерот.

Во продолжение на посетата, Мицкоски ќе има уште неколку активности и средби со претставници на Европската комисија и медиуми во Брисел.