Договорот со САД за реципрочна трговија има историска димензија, објави на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.

После G2G договорот со Велика Британија, стопирањето на пост-мониторинг мисијата на Советот на Европа, овој договор има историска димензија. Сето ова се случи во првите 20 месеци од оваа Влада!, објави Мицкоски.

-По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија.

Оваа изјава претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.

Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.

Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници, истакна Мицкоски.

Белата куќа објави заедничка изјава помеѓу САД и Македонија за реципрочна трговија. Двете земји постигнаа договор за Рамка за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со цел зајакнување на билатералните економски односи и проширување на пристапот на извозниците од двете земји до меѓусебните пазари.

Според заедничката изјава, договорот има за цел да ја продлабочи трговската соработка, да ги поддржи заедничките стратешки интереси, да поттикне економски раст и дополнително да го зајакне трансатлантското партнерство.