Премиерот Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на која разговарале за европската перспектива на Македонија, актуелните предизвици и можностите за продлабочување на соработката со Европската Унија.

По средбата, Мицкоски објави дека разговорот бил отворен и конструктивен и дека била потврдена заедничката заложба за унапредување на реформските процеси, зајакнување на демократските институции и забрзување на европската интеграција.

„Истакнав дека граѓаните очекуваат конкретен напредок на европскиот пат, а поддршката и партнерството од Европската Унија се од особено значење за остварување на тие цели“, објави Мицкоски на Фејсбук.

Средбата со Кошта се одржа во рамки на неговата регионална посета на Западен Балкан, во период кога од Брисел се испраќаат пораки дека можноста за проширување е реална, но дека од земјите од регионот се очекуваат конкретни резултати во реформите и европската агенда.