Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, попладнево пристигна во Скопје, каде што ќе има средба со премиерот Христијан Мицкоски. На скопскиот аеродром тој беше пречекан од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Муцунски објави дека посетата на Кошта е дел од неговата регионална турнеја и претставува значајна можност за размена на мислења за европската перспектива на државата, реформската агенда и понатамошните чекори во евроинтегративниот процес.

„Очекуваме отворена и содржајна дискусија за надминување на предизвиците и за забрзување на европскиот пат на државата“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Веднаш по пристигнувањето, Кошта замина во Владата на разговори со Мицкоски. Предвидена е тет-а-тет средба, по што ќе следува состанок меѓу владината делегација и делегацијата предводена од претседателот на Европскиот совет. Потоа, Мицкоски и Кошта ќе одржат заедничка прес-конференција во Владата.

Кошта од вчера е во посета на Западен Балкан, во чии рамки има средби со лидерите од регионот. Тој ќе биде и копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан, што ќе се одржи во Тиват, Црна Гора, на 5 јуни, на тема „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.

Пред посетата на регионот, Кошта порача дека неговата втора турнеја на Западен Балкан испраќа јасен сигнал дека посветеноста на Европската унија кон регионот е реална, како и можноста за проширување.

„Импулсот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“, изјави Кошта.

Во Скопје тој допатува од Тирана, а регионалната посета ја почна вчера од Сараево. Утре Кошта ќе се упати кон Приштина, в четврток ќе го посети Белград, а турнејата ќе ја заокружи со посета на Црна Гора.