Почна изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, проект кој претставува уште еден значаен инфраструктурен чекор кон целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид, објави премиерот Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Мицкоски посочува дека со реализацијата на оваа делница, заедно со проектите Кичево – Охрид, Гостивар – Букојчани и Тетово – Гостивар, се создава инфраструктурна основа за побрз транспорт, поголема безбедност, привлекување нови инвестиции и посилен економски развој на државата.
„Добра вест за Македонија! Продолжуваме да градиме, да поврзуваме и да создаваме нови можности! Денес е почетокот на изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, уште еден значаен инфраструктурен проект и важен чекор кон нашата голема цел, целосно автопатско поврзување на Скопје и Охрид“, напиша премиерот.
Тој во објавата се осврна и на, како што наведува, долгогодишните одложувања и пропуштените можности, нагласувајќи дека на Македонија ѝ се потребни конкретни проекти наместо политички препукувања.
„По години одложувања и изгубени можности, Македонија заслужува дела, а не изговори. Додека опозицијата продолжува со празни критики и политички препукувања, нашиот одговор се конкретните проекти што ќе им служат на граѓаните и на идните генерации“, порача Мицкоски.
Премиерот додава дека реализацијата на инфраструктурните проекти е дел од обврската за развој на државата, потенцирајќи дека Владата продолжува со изградба и поврзување на патната инфраструктура.
„Делата се нашата одлика, а развојот на Македонија е нашата обврска! Македонија се гради, се поврзува и оди напред!“, наведува Мицкоски во објавата.
