Премиерот Христијан Мицкоски денеска во своето обраќање по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, нагласи дека поопасно од секоја криза е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе и нагласи дека нивна најголема задача во моментов не е само да управуваат со институциите, туку повторно да изградат доверба, чувство дека оваа држава повторно му припаѓа на народот, дека законите важат еднакво за сите.

-Дека чесниот човек нема да биде последен. Дека трудот ќе биде награден. Дека знаењето ќе биде почитувано. Дека младите нема да бидат принудени да ја бараат својата иднина далеку од домот, туку ќе ја гледаат токму овде, во Македонија. И затоа, кога велиме непокор, не мислиме само на непокорот на револуционерите од 1903 година. Мислиме и на непокорот против ваквите луѓе создавачи на тој талог, непокор против криминалот, против неправдата. На непокорот против лидерот на опозицијата кој мисли дека државата е нивен приватен плен. На непокорот против секој обид да се обесхрабрат чесните луѓе. На непокорот против секој што сака да ја убие вербата дека Македонија може да успее. Затоа што вистинскиот непријател на секоја држава не е само оној што ја напаѓа однадвор – рече Мицкоски.во обраќањето во Пелинце.

Тој нагласи дека вистинскиот непријател е секој што одвнатре ја разорува довербата меѓу луѓето, што ја поттикнува омразата, што шири чувство дека ништо нема вредност и дека секој успех однапред треба да биде омаловажен.

-Но, постои огромна разлика меѓу критика која сака да поправи и цинизам кој сака да уништи. Постои огромна разлика меѓу политичка дебата и систематско труење на јавниот простор со песимизам, со омраза и со убедување дека оваа држава нема иднина. Ние нема да прифатиме таква татковина – рече Мицкоски.

Премиерот додаде дека нема да дозволат нашите деца да растат слушајќи дека единствениот успех е да заминеш.

-Нема да дозволиме најголемата амбиција на младите да биде билет во еден правец. Нема да дозволиме надежта да биде исмејувана, а разочарувањето да се претставува како мудрост. Затоа што ниту еден народ не изградил силна држава така што секој ден си повторувал дека ништо не вреди. Големите народи стануваат големи тогаш кога и во најтешките времиња одлучуваат да веруваат во себе повеќе отколку што веруваат во своите стравови. Токму тоа е духот на Илинден – порача Мицкоски.

Тој нагласи дека денес не се води само политичка, економска битка, битка за нови инвестиции, повисоки плати, подобри училишта, модерни болници или нови патишта, иако сето тоа е неопходно, туку се води една многу подлабока битка – битка човековиот дух.

-Битка за тоа дали ќе дозволиме стравот да стане посилен од надежта. Дали ќе дозволиме цинизмот да стане погласен од чесноста. Дали ќе дозволиме лагата да стане повлијателна од вистината. Дали ќе дозволиме омразата да стане поголема од љубовта кон татковината. Затоа што има нешто што е поопасно од сиромаштијата. Има нешто што е поопасно и од секоја економска криза. Тоа е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе. Кога ќе почне да мисли дека секој обид е однапред осуден на неуспех. Кога ќе се помири со просечноста. Кога ќе се навикне на неправдата. Кога ќе почне да го прифаќа поразот како нормална состојба – нагласи Мицкоски.

Премиерот истакна дека тоа најопасниот отров што може да влезе во едно општество и додаде дека тој отров го шират една иста група на луѓе кои за разлика од напатениот народ секој викенд се на јахти и договараат и се нудат за нови предаства.

-Тоа е отров кој не се гледа. Не се мери. Не се анализира во лаборатории. Но тивко ја убива енергијата на народот. Ја убива волјата да се создава, желбата да се остане. Ја убива довербата меѓу луѓето. И на крајот ја убива надежта. А народ без надеж никогаш не може да биде голем – истакна Мицкоски.