Економски споредби и состојбата со инфлацијата

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител Телевизија најави дека Владата подготвува нови мерки во одговор на нафтената криза, нагласувајќи дека државата истовремено се справува со актуелните економски притисоци и со, како што рече, наследените проблеми и долгови.

Тој направи споредба со претходни кризни периоди, посочувајќи дека двете кризи, и сегашната и онаа во 2022 година, започнале во ист месец, но дека тогаш инфлацијата била над 10%, додека сега е на ниво од 4,5% до 4,9%.

Мицкоски се повика и на оценки од Меѓународниот монетарен фонд, кој според него констатирал дека државата е трета во Европа по обемот на применети мерки во однос на бруто домашниот производ.

„Тешко се живее, точно, никој не вели дека се живее лесно, тешко се живее и во Германија, еве сега се враќам од Австрија, тешко се живее и во Австрија, таму пак литар бензин и дизел се над 2 евра, па сега морале да ослободат околу 50 илјади барели од државните резерви да може да амортизираат цена, секаде тешко се живее. И тогаш стандардот во Германија, Франција, Италија, Австрија бил поголем од тој што бил во Македонија, но прашањето е дали таа разлика се намалила, ако ја мерите тогаш и сега, двојно се намалила.“, изјави премиерот.

Според него, разликата во животниот стандард меѓу Македонија и западноевропските држави се намалува, а тоа, како што наведе, е резултат на економските политики на Владата.

Критики, долгови и најавени нови мерки

Премиерот се осврна и на критиките од јавноста, нагласувајќи дека ги смета за легитимни и корисни, но и дека очекува поголемо разбирање за наследените финансиски обврски.

Тој посочи дека државата се соочува со значителни долгови и обврски од претходниот период, кои влијаат врз буџетот и можностите за побрзи резултати.

„Инаку, Германија, Франција, Италија, Австрија, Унгарија, Словенија повисок стандард имаат од Македонија, но тоа е политика децениска, можеби вековна. Ако некој очекувал ние за две години ќе вратиме годишно по 2,5 милијарди евра долгови на претходната влада, дека ќе враќаме солидарен данок кој е неуставно земен, ќе ги почитуваме сите колективни договори, и еве вчера излезе Државниот завод за статистика нето платата е за 7,5% поголема, дека ќе успееме да ја намалиме буџетската дупка дефицитот од 4,5 на 3,5%, дека шест квартали ќе имаме 3,5% раст на БДП.“, вели премиерот.

Во однос на актуелната енергетска состојба, Мицкоски најави дека ќе следуваат дополнителни мерки, иако, како што рече, буџетот веќе е значително оптоварен. Тој додаде дека кризата е меѓу најсилните на глобално ниво според Светската енергетска агенција, но и дека цените на горивата во земјава се пониски од соседните држави.

„Ќе има дополнителни мерки иако ние досега прилично многу го изложивме буџетот и ќе треба да видиме, бидејќи еве втор месец завршува од кризата која е историски најголема според Светската енергетска агенција, оваа криза е поголема од онаа во 2022 година и двете кризи во седумдесеттите години заедно, а ние сме таму каде што сме и сега сметајте да имате по 30, 40 или 60% по литар поевтино гориво од соседите. Тоа е успех, дали е доволно, не е доволно, дали тешко се живее, да, но ќе се бориме да биде подобро.“, нагласи Мицкоски.