Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека вчера имал консултации во врска со пријавата од новинарот и публицист Владимир Перев (80), дека бил објект на вербален и физички напад од непознато лице во Скопје и истакна дека апсолутно отфрла оти имало каков било напад.

Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за реакциите од Софија во врска со Перев, рече дека некој може да накисне на дождот надвор и тоа да го окарактеризира како хибриден напад од страна на Владата.

– Може некој да накисне на дождот и надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата, со кој што се загрозува интегративнот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како напад, хибриден или не знам каков, тоа е друга работа. Видете, не очекувајте дека ќе имаме црвен тепих и дека нема да се прават конструкции и инженеринг, на тоа сме навикнати. Инаку, имав консултации во текот на вчерашниот ден и апсолутно отфрлам дека е направен каков било напад врз лицето, кое го споменувате – изјави Мицкоски пред почетокот на Националниот форум – саем на граѓански организации „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“.

МВР вчера објави дека постапува по случајот пријавен од новинарот и публицист Владимир Перев (80), дека бил објект на вербален и физички напад од непознато лице во Скопје.

Во колумна објавена на порталот Трибуна.мк, Перев објави дека бил нападнат од маж на околу 40 години кој заедно со него чекал во редот на касата во маркетот. Нападот, како што тврди, бил мотивиран од неговата припадност кон бугарската заедница.

Инцидентот се случил во петокот, а полицијата објави дека презема мерки за расчистување на случајот.

За овој случај се огласи и бугарското МНР. Во соопштението објавено на неговата веб страница се бара надлежните органи во Република Северна Македонија да преземат навремени и ефикасни мерки за истрага и правда.