Владата утре ќе одржи седница за мерките против поскапување

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Општина Илинден потврди дека се исполнети условите за намалување на акцизите на горивата и дека утре во 11 часот ќе се одржи седница на Владата на која ќе се донесат конкретни мерки за заштита на граѓаните од поскапување.

Тој истакна дека се разгледува намалување на акцизите за дизелот за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денари по литар.

„Берзата за нафтата се затвори во четвртокот поради велигденските празници, а нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи околу 7 денари, а бензините од 1,5 до 2 денара. Со намалувањето на акцизите, цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари. Имајќи предвид дека истекува попустот од Окта од 3 денари за дизелот, ќе ги обновиме разговорите со нив за да видиме дали ќе го продолжат попустот. Доколку го продолжат, нема да има зголемување на дизелот од максималната цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика. За бензините, тоа значи дека ќе поевтинат околу половина денар, а со продолжен попуст од Окта од 2 денара за литар, намалувањето ќе изнесува 2,5 денари по литар“, појасни Мицкоски.

Буџетски трошоци, залихи и ДДВ

Премиерот додаде дека намалувањето на акцизата ќе има влијание врз Буџетот, односно ќе значи намалени приходи од десетици милиони евра, но нагласи дека државата има доволно средства благодарение на домаќинското работење. Тој истакна дека мерката за намален ДДВ од 10 проценти ќе продолжи уште две недели, по што ќе се следи состојбата и ќе се интервенира доколку е потребно.

Истакна и дека очекувањата се инфлацијата во следниот период да се движи од 4 до 5 проценти, а се разгледува и укинување на данокот на храната, кој е оданочен со 5 проценти.

Мицкоски увери дека нафтените деривати се доволни, а во цевководот од Грција има залихи за 60 дена, што обезбедува стабилност на снабдувањето во наредниот период. Според неговите пресметки, цената на бензините ќе се движи од 1,32 до 1,70 евра по литар, додека дизелот ќе чини од 1,50 до 1,53 евра, што според него е најниска цена во Европа.