Секој народ ја извојувал својата слобода низ борба, жртви и силна вера – а македонскиот, иако мал по бројност, ја има една од најдолгите и најживописни борби за независност и достоинство. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски на свечената академија „Од идеја до држава“, одржана во Македонскиот народен театар по повод Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври.
„Нашата историја нè учи дека нема невозможни работи. Борбата за слобода е трнлив пат, испишан со крв и страдања, со востанија, храброст, но и предавства и завери“, рече Мицкоски.
Тој потсети дека на овој ден, 23 октомври 1893 година, се родила организацијата што ја трасирала патеката на сите идни востанија – Внатрешната македонска револуционерна организација.
„Тоа е мајката на борбата на нашиот народ, идеја што ја надживеа својата епоха, луѓето и сите граници. ВМРО му припаѓа на секој кој во срцето го носи зборот Македонија“, истакна тој.
Во обраќањето, премиерот нагласи дека од една скромна соба и неколку млади луѓе, „со многу срца и силен идеал“, започнала големата приказна за македонската борба.
„Тие не беа генерали, туку обични луѓе кои одбраа нешто повисоко од животот – да ѝ дадат иднина на татковината“, кажа Мицкоски.
Со перо, со збор и со клетва, тие ја создадоа организацијата што, како што посочи премиерот, станала симбол на непокорот, саможртвата и вечниот стремеж кон слобода.
„Од таа искра во Солун се разгоре огнот на Илинден, се зацврсти духот на Крушево, се роди државноста во АСНОМ, се испиша современата историја на македонскиот народ“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека духот на ВМРО низ историјата го чувал името, верата и достоинството на народот, дури и кога се чинело дека Македонија ќе биде избришана.
„23 Октомври не е само датум – тоа е завет дека Македонија никогаш нема да биде ничија туѓа мисла, туку вечен порив за слобода, правда и иднина“, нагласи тој.
„Денес не славиме само минато, туку духот на трајноста. Овој ден е повик кон совеста – да бидеме достојни на оние што ни ја подарија слободата и да ја чуваме Македонија со истата решеност со која тие ја создаваа“, рече премиерот.
Мицкоски подвлече дека ВМРО е мисла што не умира, бидејќи е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна.
„ВМРО е мислата што не умира – затоа што е родена од љубов кон слободата, а слободата е вечна. Силата на ВМРО не била во оружјето, туку во идејата дека правдата е посилна од стравот. Доказите за таа челична волја се испишани не само во книгите, туку и во живите споменици на Мечкин Камен, во улиците на Крушево и во сите славни борби на нашиот народ“, изјави тој.
На крајот, Мицкоски се осврна и на современите предизвици со кои се соочува државата.
„Денес се бориме со поинакви проблеми, но еднакво важни за иднината. Еден од најголемите е битката за стандардот и подобриот живот. И борбата за Европската Унија треба да се гледа низ призмата на таа цел – за подобар живот и достоинство на народот“, рече премиерот.
„Иако патот често е тежок и понекогаш неправеден, ние мора да останеме на него, затоа што тоа е нашиот природен избор. Македонија треба да се чува – зад оваа држава стојат илјадници животи дадени за слободата. И тоа е нешто што нè обврзува и задолжува“, заклучи Мицкоски.