За првпат од осамостојувањето сме избрани во едно од водечките тела на Обединетите нации

Македонија за првпат од независноста ќе биде членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК), откако на гласањето во седиштето на ОН во Њујорк доби поддршка од 174 држави. Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за голем дипломатски успех и значајно меѓународно признание за државата.

„За првпат од осамостојувањето сме избрани во едно од водечките тела на Обединетите нации (ОН). Огромен успех за државата и македонската дипломатија. Избрани сме со 174 гласа“, напиша Мицкоски.

Тој посочи дека Македонија во Обединетите нации е избрана за членка на ЕКОСОК за мандатниот период 2027–2029 година.

Според премиерот, изборот претставува потврда за резултатите од дипломатските активности на државата и за нејзиниот меѓународен кредибилитет.

„Овој избор е потврда дека државата може да постигнува резултати кога работи плански, сериозно и со јасна дипломатска цел. Тоа е признание за трудот на нашата активната дипломатија и за довербата што ја градиме со нашите партнери“, истакна Мицкоски.

Продолжување на позитивниот тренд во меѓународните организации

Премиерот потсети дека во изминатиот период Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.

„Денешниот избор во ЕКОСОК е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо“, наведе тој.

Мицкоски нагласи дека целта на државата е активно учество во глобалните процеси и зајакнување на меѓународните партнерства.

„Нашата цел е Македонија да биде држава која не стои на маргините, туку активно учествува, гради партнерства и придонесува во решавањето на прашањата што се важни за граѓаните и за меѓународната заедница“, порача премиерот.

Тој додаде дека изборот во ЕКОСОК е резултат на посветена работа и одговорен пристап во надворешната политика.

„Овој успех е резултат на работа, доверба и одговорен пристап. Продолжуваме да ја зајакнуваме позицијата на Македонија, да создаваме нови можности и да покажеме дека со сериозна работа нашата држава може да биде почитуван и активен дел од глобалните процеси“, истакна Мицкоски.