Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска, е избрана за член на Управниот одбор на Светската федерација на училишен спорт (ISF), највисокото управувачко тело на организацијата. Одлуката беше донесена на првиот состанок на новиот Извршен одбор на ISF, одржан во Белград, со што Македонија доби свој претставник во врвното раководство на светската федерација.
На состанокот во Белград беше формирана управувачката структура на ISF за новиот четиригодишен мандат, кој ќе трае од 2026 до 2030 година.
Во рамки на седницата беше одлучено Елена Мицковска, заедно со Олабиси Џозеф од Нигерија, да бидат претставници на Извршниот одбор во Управниот одбор на ISF, кој е највисокото управувачко тело на Светската федерација на училишен спорт.
Изборот на Мицковска претставува признание за досегашната работа и за развојот на училишниот спорт во Македонија, а воедно отвора можност земјата активно да учествува во креирањето на идните политики и проекти наменети за младите спортисти на глобално ниво.
Со формирањето на Управниот одбор, Светската федерација на училишен спорт ја заокружи клучната фаза од воспоставувањето на својата раководна структура за новиот мандат.
Новиот Управен одбор на ISF го сочинуваат:
- Претседател: Жељко Танасковиќ
- Потпретседатели: Антонио Хора Фило, Јусеф Белкасми и Лианшуаи Тенг
- Претставници на Извршниот одбор: Елена Мицковска и Олабиси Џозеф
- Генерален секретар: Хаснаех Ел Ајуби
Изборот на Елена Мицковска е уште една потврда дека македонскиот спорт, преку посветена работа и реализација на значајни проекти, може да обезбеди влијателна улога и на меѓународната спортска сцена.
