Потребна е брза реакција и решавање на предизвиците, проблемите и конкретни одговори на барањата на постоечките странски инвеститори. На сугестиите од компанијата да не се одговара преку политичка дебата, туку со одлучни чекори и одговори со јасни рокови за дејствување наместо нашиот вообичаен македонски: „нема гајле, ќе биде…“ менталитет. Ваквиот пристап, заедно со јасна стратегија заснована на анализа на можностите на нашата економија (региони, работна сила, вештини, капацитети итн.), приоритетните сектори и претходно стекнатото искуство и знаење може сериозно да придонесе за привлекување свеж капитал, вели Виктор Мизо. претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Неопходна е диверзификација во нови сектори и извозни пазари, но и поголем фокус на услужната индустрија, а не само на производството. Процесот на активна и фокусирана поддршка (aftercare) на постоечките инвеститори ќе придонесе за нивна трансформација во производители на производи со поголема додадена вредност, поголема автоматизација и роботика преку надградба на постојната работна сила и поголем извоз по вработен. Така, тоа заедно ќе придонесе за раст на реалните плати поддржани од повисока продуктивност и ефикасност. Секако и владеењето на правото е примарен предуслов за водење бизнис. Тоа е подеднакво важно за постојните и идните инвеститори, домашни и странски реформи во образованието и услугите што ги дава јавниот сектор, усогласување на царинските стапки за увоз на ниво на европските, повеќе договори за слободна трговија, подобра инфраструктура и слично, но пред сѐ – целосна вклученост на бизнисот во промените на законските прописи. Ова е исклучително важно за етаблираните инвеститори, но во исто време, исто така, има значително влијание врз инвестициските одлуки за новите потенцијални инвеститори, изјави Мизо.

Целото интервју на овој ЛИНК.