Монетарната политика е соодветна и сѐ уште треба да биде олабавена. Скорешното зголемување на инфлацијата најмногу се должни на глобалните фактори и е привремено. Во последните месеци, растот на глобалните цени на енергијата и на храната влијаеше врз инфлацијата. Иако веројатно ќе има некои преносни ефекти, се очекува дека инфлацијата ќе се намали во втората половина од годината. Се очекува дека потрошувачките цени ќе растат умерено – 2,2 проценти, во просек, во 2021 година.
Ова се дел од заклучоците на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Берглјот Баркбу, по одржаните редовни состаноци.
Во изјавата дадена од Мисијата на ММФ се нагласува дека банкарскиот систем во целина е добро капитализиран и ликвиден.
Нефункционалните кредити веројатно ќе забележат одредено зголемување со изминувањето на регулаторната флексибилност и со постепеното намалување на фискалната поддршка за фирмите. Важно е да се задржат строгите правила за класификација на ризикот и за издвојување резервации за кредити, за да им се овозможи на банките да издвојат доволно резерви со кои би ги покриле потенцијалните загуби – се вели во изјавата.
Од Мисијата на ММФ ја нагласуваат важноста на независноста на Народната банка.
Зачувувањето на независноста во работењето на Народната банка (НБРМ) е клучно за да се овозможи таа и понатаму да го остварува својот мандат за одржување на ценовната стабилност и заштита на финансиската стабилност, коишто се предуслови за одржлив економски раст – се истакнува во изјавата.
Од Мисијата на ММФ напоменуваат дека на иницијатива на Народната банка, Македонија ќе учествува во новиот пилот-проект на ММФ – „Кодекс за транспарентност на централните банки“, за кој посочуваат дека може да помогне во натамошното зајакнување на рамката за транспарентност и отчетност, со цел да се обезбедат ефективни резултати од политиките и дијалог со засегнатите страни.
Во изјавата, од Мисијата на ММФ посочуваат на очекувањето за економско закрепнување, коешто е условено од процесот на вакцинација и од натамошниот развој на корона-вирусот.