Е-го, филмски студија на Малкович, фабрики за лекови, профили, делови… Многу нереализирани најави за странски инвестиции иако Власта смета дека води успешна политика за нивно привлекување. Земјава останува на дното на листата на земјите од Балканот со странски инвестиции под милијарда евра, анализира Радио Слободна Европа.
Македонија е меѓу земјите од регионот кои се уште не можат да го надминат годишниот праг на странски инвестиции од една милијарда евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2023 година вкупните директни инвестиции во Македонија изнесувале 616,7 милиони евра, што е слично на нивото на БиХ, Црна Гора и Косово.
Значителни зголемувања на странските инвестиции нема и покрај ветувањата на власта дека тоа ќе се случи откако земјата ќе стане членка на НАТО. Србија која не е членка на НАТО, во 2023 година имала нето приливи од директни странски инвестиции од 4,5 милијарди евра. Меѓу земјите од ЕУ и НАТО кои го надминуваат прагот од милијарда евра на годишно ниво се Хрватска, Словенија, Албанија и Бугарија.
Власта на СДСМ и покрај тоа што ја критикуваше политиката на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување на странски инвестиции, таа не направи значителни промени во стратегијата, ниту, пак, воспостави нова, a во меѓувреме најавуваше големи странски инвестиции, од кои дел пропаднаа.
Инвеститорите незадоволни
Претседателот на Советот за странски инвестиции, Виктор Мизо, смета дека во моментов отсуствува сеопфатна државна стратегија за привлекување на нови странски инвеститори, но и проактивно одржување на постоечките странски инвеститори. Ова негово тврдење вели дека е врз основа на перцепцијата на инвеститорите.
„Очигледно е дека недостига фокусот на ова поле, како и во која насока сакаме да се движиме како држава. Тоа се отсликува и во резултатите од последната анкета на Советот на странските инвеститори, каде само 43 проценти од компаниите веќе присутни кај нас истакнаа дека повторно би инвестирале доколку треба да одлучат сега“, вели Мизо за Радио Слободна Европа.
Советот на странски инвеститори (ФИЦ) го сочинуваат 130 компании од 20 земји кои учествуваат на македонскиот пазар и кои главно работат во автомобилската индустрија, земјоделството, енергетика, производство на храна, телекомуникации, ИТ услуги и други.
Мизо, кој во моментов е и генерален директор на компанијата КОСТАЛ – Македонија, вели дека иако нивната фирма продолжува со реализација на долгорочните инвестициски планови на сегашната локација во Охрид, индиферентниот и несериозен пристап на дел од надлежните во земјава допринел потенцијална инвестиција на КОСТАЛ од нови 150 милиони евра да замине во друга држава, наместо во зоните во Скопје.
Целиот текст ОВДЕ