Сè до целосно расчистување на случајот, Министерството за надворешни работи (МНР) апелира за воздржаност од предвремени квалификации во врска со инцидентот за кој најпрво бугарските медуми, а потоа и МНР на Бугарија соопштија оти се случил вчера, а во кој бил напандат претседателот на бугарското здружение „Шемето“ во Струга.

„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и Бугарската заедница“,соопшти Министерството за надворешни работи.

Дополнително, МНР упати повик до политичките субјекти и до јавноста во Бугарија да им овозможат на институциите во земјава да ги расчистат околностите на инцидентот и соодветно да постапат.

Претседателот на бугарското здружение „Шемето“, Бекир Кадриески, вчера за бугарскиот портал „Нова.бг“ изјавил оти бил претепан од непознато лице во Струга. Тврдел оти бил соборен на земја и клоцан, а бил удиран и со раце. Рекол и дека при тепањето бил навредуван на етничка основа со зборовите „валкан Бугарин“.

Откако бугарските медиуми објавија за инцидентот, синоќа веднаш се огласи и Министерството за надворешни работи на Бугарија кое информира оти добило податок за извршен напад над претседателот на здружението на Бугари во Северна Македонија – „Шемето“ од Струга.

Оттаму додадоа дека вработен во Генералниот конзулат во Битола е испратен во Струга со цел расчистување на фактите околу случајот и утврдување дали нападот е резултат на кривично дело од омраза.