Министерството за надворешни работи побарало официјална информација од албанските власти за инцидентот на граничниот премин „Ќафасан“, каде што на еден македонски државјанин не му бил дозволен влез во Албанија.
Од МНР соопштија дека вчера била одржана средба со претставник на Амбасадата на Албанија во земјава. Средбата следувала по настанот во кој тројца функционери од коалицијата Вреди биле задржани на преминот, додека нивниот придружник бил вратен од албанските гранични служби.
„Во духот на пријателските односи меѓу двете земји, соседи и НАТО-сојузници, на средбата беше побарана официјална информација од албанските власти во врска со настанот што се случи на граничниот премин Ќафасан, при кој на државјани на нашата земја не им бил дозволен влез во Република Албанија“, соопшти МНР.
Во соопштението не се наведува кој претставник на албанската амбасада присуствувал на средбата.
Случајот се случил откако пратениците Беким Ќоку и Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани, биле задржани околу еден час на граничниот премин. На четвртиот македонски државјанин, кој патувал со нив, не му бил дозволен влез во Албанија.
Вреди потоа побара официјално објаснување од албанските власти за постапувањето на граничните служби.
Генералниот директор на албанската државна полиција, Скендер Хита, изјави дека полицијата постапила во согласност со законот.
„Трите лица со дипломатски пасоши беа информирани дека може да го продолжат своето патување. Четвртото лице, кое беше во нивно друштво, имаше законски пречки на границата и не можеше да патува во Албанија“, рече Хита.
Според него, тројцата функционери самите одлучиле да не го продолжат патувањето и да се вратат во Македонија.
Хита додаде дека случајот не бил исклучок, туку дел од редовното постапување на граничната полиција при спроведувањето на законските прописи.
МНР и во мај годинава имаше средба со претставник на албанската амбасада, откако амбасадорот Денјон Мејдани јавно ги поддржа барањата на дел од студентите Албанци за полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Тогаш во Министерството не се појавил амбасадорот, туку неговиот заменик, кому му бил упатен устен демарш.
